Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, предупреди дека Европската Унија се наоѓа на работ на колапс поради неспособноста да се реформира, споредувајќи ја со Римското Царство.
Во обраќањето пред унгарскиот парламент, Орбан истакна дека Будимпешта, од друга страна, чувствува дека има сила за побрз развој.
„Морам да кажам дека не гледам во ЕУ капацитет за обновување што ни е потребен. Ако Унијата веднаш не направи радикален пресврт, нејзината историја ќе заврши“, рече Орбан.
Тој појасни дека нема да дојде до драматичен и изненаден колапс, туку процесот ќе биде постепен, бидејќи сè повеќе членки престануваат да ги следат инструкциите на Брисел – слично како што Римското Царство долго време верувало дека постои на своите поранешни територии, иако веќе одамна не постоело.
Според Орбан, ЕУ функционира како „лош GPS“ – постојано ги менува плановите и никогаш не ги остварува целите, што се гледа преку воведувањето санкции, миграциската политика и еколошката транзиција.






