Драма во Вашингтон: Обид за соборување на хеликоптерот на Трамп со ласер
Тајната служба во Вашингтон уапси маж осомничен дека со ласер се обидел да го загрози хеликоптерот „Marine One“ во кој во тој момент се наоѓал американскиот претседател Доналд Трамп, објави NBC News.
Инцидентот се случил во саботата навечер на Авенијата „Конституција“ во Вашингтон, кога агентот на Тајната служба задолжен за обезбедување на претседателот, Дијего Сантијаго, забележал полугол маж кој гласно зборувал сам со себе и го следел претседателскиот хеликоптер.
Поради слабата осветленост на тротоарот, Сантијаго ја насочил батериската ламба кон него, по што осомничениот активирал црвен ласер и го вперил директно во лицето на агентот. Зракот го погодил во очите и накратко го дезориентирал.
Според судските документи, лицето – идентификувано како Џејкоб Самјуел Винклер – веднаш потоа го насочило истиот ласер кон „Marine One“ и го активирало. Агентот Сантијаго брзо реагирал, му го одзел уредот и му ставил лисици.
При претрес кај Винклер бил пронајден и нож. За време на испитувањето тој изјавил дека не знаел дека е забрането насочување ласер кон летала, тврдејќи дека тоа го правел „шеговито“, па дури и кон сообраќајни знаци.
Сепак, според обвинителството, неговото однесување претставувало сериозен ризик од губење на вид и дезориентација на пилотите, особено затоа што летот се одвивал на мала височина, во близина на хеликоптери на Полициската служба за паркови и на маринците, како и во околината на Споменикот во Вашингтон.
Се наведува дека на тој начин постоел реален ризик од судир во воздух.
Против Винклер е поднесено обвинение, а му се заканува затворска казна до пет години и парична казна од 250.000 долари.







