„Енвидија“ ќе инвестира до 100 милијарди долари во „Опен еј-ај“ за изградба на дата-центри со капацитет од најмалку 10 гигавати, опремени со нејзините напредни чипови. Средствата ќе се обезбедуваат во фази – првите 10 милијарди веднаш по потпишувањето на договорот, при што „Енвидија“ ќе добие и удел во „Опен еј-ај“.
Инвеститорите позитивно реагираа: акциите на „Енвидија“ пораснаа за 3,9%, а годинава компанијата бележи вкупен раст од околу 37%. Овој потег ја зацврстува позицијата на производителот на чипови како водечки играч во ВИ-инфраструктурата и главен снабдувач на „Опен еј-ај“, креаторот на ChatGPT, кој неделно го користат околу 700 милиони луѓе.
Проектот опфаќа до 5 милиони чипови на „Енвидија“, што е еднакво на нејзината годишна испорака, и според директорот Џенсен Хуанг претставува „џиновски проект“. Извршниот директор на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, нагласи дека компјутерската моќ е „основа за економијата на иднината“.
Договорот доаѓа во време на глобален бум на инвестиции во ВИ-инфраструктурата, кој се мери во трилиони долари. Иако постои загриженост за можен „балон“, аналитичарите сметаат дека партнерството меѓу „Енвидија“ и „Опен еј-ај“ има потенцијал да донесе најголемо влијание во индустријата.






