Воздухот во скопската населба Трубарево по пожарот во фабриката за рециклирање електричен и електронски отпад е чист, а денес се очекуваат резултатите од испитувањето на почвата, изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
„Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот, се стабилизира и состојбата со воздухот. Сега се фокусираме на испитување на почвата, а резултатите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе бидат објавени јавноста“, посочи Меџити по посетата на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“.
Министерството за животна средина информира дека согласно индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (PM10) на мерното место во Трубарево во периодот од 21 до 22 септември, просечната концентрација изнесува 14,2 µg/m³, највисоката измерена вредност била 44,1 µg/m³, а моменталното ниво 11,9 µg/m³.
Резултатите покажуваат дека концентрациите на PM10 се во рамки на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје, согласно Уредбата за квалитет на амбиентниот воздух.
Пожарот во фабриката „Нула отпад“ се случи на 13 септември и предизвика сериозна загриженост кај локалното население.






