Пожарот во Трубарево откри сериозни пропусти во управувањето со електронскиот отпад
Големиот пожар што викендов го зафати скопската населба Трубарево го отвори прашањето за тоа како објект кој се користел за складирање на електронски отпад работел со валидна дозвола, иако не ги исполнувал законските критериуми. Според истражувањето на емисијата „Код“ на Телма, дозволата била издадена на компанијата „Ф-Групација“, чија формална дејност била регистрирана на локација со сосема поинаква намена – земјоделска фарма.
Катастарските податоци покажуваат дека објектот е заведeн како Ф2 – помошни објекти во земјоделството, но, наместо за аграрни цели, таму се складирал електронски отпад. Тоа е спротивно на Правилникот од 2018 година, кој бара за лиценца за управување со отпад објектот да се наоѓа надвор од населени места или во индустриски (Г) или енергетски (Е) зони. Локацијата во Трубарево, пак, е во зона на лесна индустрија (Г2) и не ги исполнува строгите услови.
Дополнително, дозволата била издадена и покрај очигледното несогласување помеѓу документите и фактичката состојба, што ја отвора дилемата како институциите ја одобриле работата на објектот и кој сносел одговорност за контрола.
Истражувањето открива и сериозни злоупотреби во менаџирањето на „Ф-Групација“. Формално, управител била Лора Дамевска, второосомничена во предметот, но реалната контрола ја имал нејзиниот татко, Марјанчо Дамевски – првоосомничен. Тој е сопственик и на компанијата „Нула отпад“, која собирала електронски отпад и имала договор со „Ф-Групација“. Сите договори и административни процедури се одвивале од седиштето на „Нула отпад“, од каде е одземена и клучната документација.
Третоосомничен е раководителот на „Нула отпад“, кој, според насоки на Дамевски, ги организирал работните задачи околу складирањето и обработката на отпадот. Четвртоосомничен е лице кое формално не било вработено, но учествувало во понатамошното одлагање на отпадот.
Компанијата „Ф-Групација“ имала 17 вработени, но на денот на пожарот тие не биле присутни поради слободен ден. Експертите предупредуваат дека катастрофата е резултат на долготрајна институционална рамнодушност и толерирање на незаконска работа.
Случајот го откри уште еден системски проблем – издавањето дозволи за управување со опасен отпад без реални проверки и почитување на правилниците. Предметот од Трубарево е веќе во рацете на обвинителството, а јавноста бара одговорност и од институциите кои со години овозможувале работа спротивно на законот, со што бил загрозен животот и здравјето на граѓаните.






