Есента на северната хемисфера и во нашата земја почнува денеска во 20:19 часот. Истовремено, на јужната полутопка пристигнува пролетта.
Првиот есенски ден е 265-иот ден во годината и ќе трае 12 часа и 17 минути. Сонцето во Скопје изгреа во 6:18 часот, а ќе зајде во 18:35 часот. До крајот на годинава остануваат уште 100 дена. Есента ќе трае до 21 декември во 10:02 часот, кога календарски ќе започне зимата.
Синоптичарите најавуваат дека првиот есенски ден ќе започне со посвежо утро, а потоа ќе биде сончев и топол, со слаб до умерен јужен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14 степени, а дневните ќе достигнат од 27 до 32 степени Целзиусови.
И во Скопје времето ќе биде слично – свежо наутро, сончево и топло во текот на денот, со температури од 11 до 32 степени.
Во наредните денови, утре и во среда, ќе продолжи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток се очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд и постепен пад на дневните температури.







