Рускиот претседател Владимир Путин има цел да го обнови Руското царство и претставува директна закана за Европа, изјави генерал Кит Келог, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина.
Во интервју за „Телеграф“, Келог предупреди дека пораз на Украина би го охрабрил Путин да ја нападне и некоја членка на НАТО. Според него, ситуацијата наликува на 1938 година, кога Хитлер прво ја бараше Судетската област, а потоа следеа Полска и Втората светска војна. „Историјата не се повторува, но се римува – истото го гледаме со Украина. Путин мора да биде запрен сега“, нагласи Келог.
Тој истакна дека Путин „никогаш не престанал да биде агент на КГБ“ и дека е „мајстор на манипулации“. „Тој го разбира Западот, дури и говори англиски, иако се претставува како да не знае. Единствено што може да го спречи е силата“, изјави генералoт.
Келог предупреди и дека заканите за нуклеарната моќ на Русија не смеат да се игнорираат. Како пример го посочи одговорот на Трамп до севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун: „И ние сме нуклеарна сила. Моето црвено копче е поголемо и функционира подобро“.
Тој додаде дека неодамнешното нарушување на полскиот воздушен простор од руски дронови не било случајност, туку тест на решителноста на Западот.







