Виена синоќа беше потресена од крвава семејна драма што заврши со три жртви и едно младо девојче во критична состојба.
Сè започнало во стан во населбата Леополдштат околу 19:30 часот, кога по жестока расправија 44-годишен Србин ја застрелал сопругата З. М. и тешко ја ранил нивната 24-годишна ќерка К. М., како и пријател на семејството (26). Двете жртви биле итно пренесени во болница, каде што лекарите и натаму се борат за животот на младата девојка, која, според првичните информации, била погодена во главата од својот татко.
Кога полицијата пристигнала пред зградата, осомничениот веќе стоел со оружје во рака. Полицајците постојано го повикувале да се предаде, но тој насочил пиштол кон еден од нив и испукал куршум. Во размената на оган, полицијата возвратила, по што мажот успеал да побегне со својот „Мерцедес“.
По кратка потера, тој бил пронајден мртов во возилото, со оружје покрај себе. Сцената на престрелката била забележана и на видео.
Соседите сведочат дека вечерта била необично напната. Една жена раскажала дека непосредно пред трагедијата ја сретнала ќерката со своето бебе во лифтот. Девојката и рекла: „Немојте да се изненадите ако вечерва биде погласно. Моите родители се разведуваат.“ Неколку часа подоцна соседката го видела и осомничениот: „Изгледаше многу сериозно,“ изјавила таа за весникот „Хојте“.
Според првичните информации, претстојниот развод на двојката најверојатно е мотивот за овој крвав чин. Полицијата продолжува со истрагата, а наредена е и обдукција.







