Кралот Чарлс III стана првиот британски монарх во последните околу 400 години кој присуствувал на римокатоличка миса. Тој во вторникот беше дел од погребната служба за војвотката од Кент, сопруга на принцот Едвард и роднина на покојната кралица Елизабета.
Војвотката Кетрин Ворсли, која во кралското семејство влезе во 1961 година, почина на 4 септември на 92-годишна возраст. Таа ќе остане запаметена и како долгогодишна присутна фигура на турнирот Вимблдон, но и како прв член на британското кралско семејство кој премина во католичка вера по повеќе од три века – во 1994 година.
Со своето присуство на службата во Вестминстерската катедрала, Чарлс – кој е и врховен поглавар на Англиканската црква – ја прекина вековната практика според која британските монарси не присуствуваат на католички богослужби. Мисата ја водеше кардиналот Винсент Николс, а меѓу присутните беа и принцот Вилијам со сопругата Кејт.
Според поранешната уредничка на католичкиот неделник The Tablet, Кетрин Пепинстер, настанот има „големо историско значење“ и претставува „огромен чекор напред во екуменските односи“.
Кралот Чарлс одамна нагласува дека сака да биде заштитник на сите вери, а заедно со кралицата Камила беше меѓу последните високи личности што се сретнаа со папата Франциско пред неговата смрт во април.







