Apple на почетокот на септември официјално го претстави iPhone 17 Pro и Pro Max, кои ги опишуваат како најголем технолошки скок во последните години. Новите модели носат A19 Pro чип, подобрено термално решение со „vapor chamber“, сензори со сите 48MP Fusion камери со оптички зум до 8× и предна 18MP камера со Center Stage. Дополнително, Apple истакнува значително подолго траење на батеријата и подобрен екран.
И покрај овие надградби, купувачите во Македонија беа изненадени од цената — iPhone 17 Pro во iStyle продавницата чини 1.409,99 евра, додека iPhone 15 Pro достигнува дури 1.699,99 евра. На прв поглед, постариот модел изгледа поскап од најновиот.
Од iStyle за нашиот портал објаснија: „Цената од 1.699,99 евра се однесува на iPhone 15 Pro модел со капацитет од 1TB. Цената од 1.409,99 евра за iPhone 17 Pro се однесува на модел со 256GB.“
Значи, разликата во цената не е последица на технолошките можности, туку на капацитетот на меморијата. Новиот iPhone 17 Pro во посилни конфигурации, како верзијата од 1TB, очекувано ќе биде поскап и од постарите модели.







