Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да воведе нови санкции против Русија, но само ако Европа и НАТО го заострат својот одговор. Тој ги критикуваше сојузниците за „недоволен придонес“ и порача дека не може САД сами да ја носат тежината.
„Европа купува нафта од Русија. Не сакам тие да купуваат нафта. Санкциите што ги воведуваат не се доволно строги“, рече Трамп, додавајќи дека мерките мора да бидат усогласени со американските.
Тој се осврна и на можноста за директна средба меѓу Зеленски и Путин, нагласувајќи дека омразата меѓу нив е „несфатлива“. „Се мразат толку многу што не можат да дишат. Веројатно ќе морам јас да се вклучам, тие не можат да разговараат едни со други“, изјави тој, најавувајќи дека ќе има разговори, без разлика дали ќе се наречат самит или собир.
Овојпат Трамп недвосмислено ја нарече Русија „агресор“ и укажа на големите човечки загуби во војната. „Речиси 8.000 војници загинаа оваа недела. Тие не се Американци, но се човечки суштества и сакам да ги спречам тие загуби“, рече тој.
Изјавите предизвикаа критики во Конгресот. Демократот Адам Смит порача дека царините кон Кина нема да имаат значаен ефект врз конфликтот и дека Трамп мора појасно да каже дека „ова е војна на Русија во Украина“.
Иако Трамп се претставува како посредник, критичарите предупредуваат на неговата недоследност и премногу благонаклонет однос кон Москва.






