Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да воведе санкции врз Москва, но само ако сите членки на НАТО целосно престанат да купуваат руска нафта и воведат сопствени мерки.
Во писмо до сојузниците, објавено на „Трут Соушал“, тој го нарече купувањето руска нафта од страна на некои членки „шокантно“ и порача дека ако Алијансата го следи неговиот план, „војната ќе заврши брзо“.
Трамп предложи и НАТО да воведе царини од 50 до 100 отсто врз Кина за нејзините купувања на руска нафта, оценувајќи дека тоа би ја скршило нејзината контрола врз Москва.
„Ова не е моја војна, тоа е војната на Бајден и Зеленски. Јас само се обидувам да спасам илјадници животи“, порача тој.
Објавата следи по инцидентот кога руски беспилотни летала навлегоа во Полска, што ја натера НАТО да најави нови мерки за зајакнување на источниот фронт.






