Трамп: „Радикалната левица ја кочи нацијата“ по убистството на Чарли Кирк
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева на закрепнување на нацијата по трагичното убиство на Чарли Кирк, но истакна дека „радикалната левица претставува пречка за оздравување“.
„Се соочуваме со група радикални левичарски фанатици кои не играат по правилата“, рече Трамп во интервју за NBC News, додавајќи дека неговата администрација продолжува да бележи „големи победи“.
Убистството на Кирк предизвика јавна дебата за растечката поларизација на политичкиот дијалог во САД. Гувернерот на Јута, републиканецот Спенсер Кокс, повика на поголема толеранција и прекин на меѓусебните обвинувања.
Осомничен за убиството е Тајлер Робинсон (22) од Јута, кој пукал во Кирк за време на неговиот говор на Универзитетот Јута Вели. На местото на злосторството биле пронајдени чаури со изгравирани симболи на фашизам, интернет мемови и видеоигри.
Против Робинсон се подигнати обвиненија за тешко убиство, употреба на огнено оружје и попречување на правдата, а истрагата за неговите мотиви продолжува.






