Хутите од Јемен, преку своето бунтовничко движење „Ансар Алах“, утринава соопштија дека извршиле напад со „хиперсонични балистички ракети“ врз неколку цели во Тел Авив.
Портпаролот на вооружените сили на Хутите, Јахја Сарија, изјави дека операцијата е изведена со ракета „Палестина-2“ со повеќе боеви глави и дека нападот ги погодил „ранливите цели“ во централниот дел на Израел. Според него, акцијата целосно ги постигнала своите цели.
Од другата страна, израелската армија (ИДФ) соопшти дека успеала да пресретне ракета испукана од јеменските бунтовници во текот на ноќта. Поради нападот, беа активирани сирените во Тел Авив и поширокиот централен дел на Израел.
„Нема извештаи за жртви или материјална штета“, пренесе израелскиот портал „Тајмс оф Израел“.
Ова е првпат Хутите јавно да тврдат дека користеле хиперсонично оружје во напад врз Израел.






