Според анкетата на социолошката компанија Cluster17, дури 60 отсто од граѓаните на Европската Унија сметаат дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, треба да поднесе оставка, објави списанието „Ле Гранд Континент“.
Највисока поддршка за нејзино заминување е забележана во Франција – 70 проценти од анкетираните сакаат фон дер Лајен да се повлече. Слични ставови делат и Италијанците и Шпанците со по 60 проценти, како и 54 проценти од Германците и 49 проценти од Полјаците.
Фон дер Лајен, која е докторка по образование и долгогодишна политичарка од редовите на германската Христијанско-демократска унија, ја извршува функцијата претседателка на Европската комисија од 2019 година, кога стана првата жена на оваа позиција. Претходно беше министерка за одбрана на Германија (2013–2019). Нејзиниот мандат е обележан со серија сериозни предизвици – од пандемијата на ковид-19 и спроведувањето на „зелената агенда“, до енергетската криза и војната во Украина.






