Француската полиција започна истрага откако пред повеќе џамии во Париз и околните области беа пронајдени свински глави, соопшти шефот на париската полиција, Лоран Нунез.
Вложуваме максимални напори за да ги пронајдеме сторителите на овие монструозни дела – напиша Нунез на социјалната мрежа X.
Според извори блиски до истрагата, свинските глави биле оставени на јавни површини во Париз, како и во две соседни општини надв ор од градот.
Министерот за внатрешни работи, Бруно Ретајло, ги осуди овие постапки, нарекувајќи ги „скандалозни“ и „апсолутно неприфатливи“.
Сакам нашите муслимански сограѓани слободно и мирно да ја практикуваат својата вера – порача министерот.
Франција е дом на најголемата муслиманска заедница во Европската Унија, како и на најголемата еврејска популација надвор од Израел и САД.
Повеќе земји од ЕУ забележале зголемување на насилство и омраза кон муслиманите и антисемитизам од почетокот на конфликтот во Газа во октомври 2023 година, објавува Европската агенција за основни права.






