Студентите од движењето „Студенти во блокада“ најавија нов масовен протест за понеделник во Белград, под слоганот „Индексот е посилен од пендрек“. Според организаторите, собирот ќе започне во 14 часот пред Владата на Србија, по што колоната ќе продолжи кон Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.
Причината за новата мобилизација е, како што велат студентите, полициската репресија врз демонстрантите во Нови Сад минатиот петок, кога пред Филозофскиот факултет полицијата употреби шок-бомби, солзавец и топовски истрели. Студентите сметаат дека станува збор за однапред планирана акција, а не за реакција на насилство, како што тврди МВР.
Во своето соопштение тие наведоа дека „полицијата извршила најбрутални напади врз сопствените граѓани“, а снимките од тепањата и рациите на факултетите ги опишаа како доказ за системска репресија врз мирни демонстранти.
„Нашето движење со недели се обидува да придонесе за смирување на тензиите, но настаните во Нови Сад покажаа дека мирно решение е невозможно ако само едната страна го сака тоа“, се наведува во изјавата.
Во меѓувреме, дел од приведените демонстранти веќе се изведени пред суд, додека протести и контрапротести се одржуваат и во други српски градови. Министерството за внатрешни работи соопшти дека состојбата во Нови Сад е стабилизирана до доцна навечер.
Студентите, пак, порачуваат: „Сè запира во понеделник. Се гледаме.“







