Денеска официјално се пушта во употреба новата делница од автопатот Кичево-Охрид, што, како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, претставува доказ дека Македонија се движи напред и дека се надминуваат долгите години на застој.

„Овој проект речиси една деценија беше симбол на недовршени работи, а граѓаните со право беа разочарани. Денес ја менуваме таа слика – таму каде што имаше застој, има решение, а таму каде што имаше недоверба, има резултати“, рече Мицкоски.
Автопатот Кичево-Охрид е од стратешко значење за државата, бидејќи го поврзува југозападниот дел на Македонија со остатокот од земјата и со Охрид, кој е светско културно наследство и туристички бисер. Според премиерот, новиот автопат ќе донесе побрзо, побезбедно и поефикасно патување, ќе овозможи развој на туризмот, поголеми инвестиции и отворање на нови работни места.

Мицкоски потсети дека ова не е единствен проект реализиран од Владата – во изминатата година и половина се пуштени во употреба 70 километри нови патишта, а со новата делница бројката ќе достигне 87,5 километри.

Премиерот истакна и економски резултати: реален раст на економијата од 3,4% во вториот квартал, создавање на 10.000 нови работни места и раст на извозот побргу од увозот, што ја намалува трговската зависност и ги зголемува приходите на македонските граѓани.

„Ова е нашата визија – Македонија на дела, а не на изговори. Ќе продолжиме да градиме, да завршуваме започнати проекти и да создаваме нови перспективи за секој регион и за секој граѓанин“, порача премиерот Христијан Мицкоски.






