По синоќешниот протест во Нови Сад, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се повредени 11 полицајци и дека има уапсени демонстранти. Полицијата, во полна опрема, употреби сила и солзавец за да ги растера собраните пред Филозофскиот факултет, каде што студентите повикаа на протест поради полициската бруталност и нарушувањето на универзитетската автономија.
Вучиќ тврдеше дека полицијата била прва нападната со пиротехника и најави уште апсења. Тој остро ја критикуваше делегацијата на Европските зелени, кои беа присутни во Нови Сад, нарекувајќи ги „ѓубре“.
Сепак, N1 јави дека полицијата интервенирала откако граѓаните веќе се растерувале, а претходно бил одржан мирен протест со говори на студенти, професори и активисти. Опозицијата ја нарече интервенцијата непотребна и брутална, а протести во поддршка на студентите се одржаа и во други српски градови.







