Пандемијата ја истакна важноста на глобалната соработка, ни покажа дека целото човештво се наоѓа на ист брод, дека сите сме делови од еден затворени систем на врзани садови, а вирусот може да се победи некаде, само ако е поразен насекаде. Но, пандемијата покажа и дека е потребен комплетен ресет на општествениот систем, истакна епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој беше предавач на онлајн дискусија што секоја недела ја организира Лекарската комора на РСМ, со цел размена на најновите сознанија и искуства во лекувањето на Ковид-19 меѓу здравствените професионалци.
– Стана јасно дека никој не може да се преправа дека може да постигне безбедност само во своите граници. Се поставува и прашање зошто одговорните политичари ширум светот не се собраа во меѓународните институции и не се договорија државните и мултилатералните цели меѓусебно да ги усогласат и надополнат, рече проф. д-р Даниловски.
Пандемијата направи да ја цениме улогата на некои луѓе чија улога во општеството обично е потценета, како што се медицинските сестри, болничарите, касиерите, куририте за брза пошта, без кои системот не може да функционира.
-Пандемијата, исто така, на најдиректен начин покажа дека докторите и другите здравствени работници во ковид-центрите се херои коишто покажуваат огромна храброст и посветеност наспроти сите потешкотии низ кои поминуваат. Важна улога играат и лекарите од примарната здравствена заштита кои на сопствените плеќи ја држат пирамидата на здравствениот систем и се грижат да го сочуваат здравјето на граѓаните, рече проф. д-р Даниловски.






