Во поранешната касарна во Охрид се одржа пригодна свеченост по повод 81-годишнината од формирањето на Шестата народноослободителна бригада и 33-годишнината од формирањето на Шестата пешадиска бригада на Армијата на Република Северна Македонија.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, поранешни армиски генерали, претседатели на здруженија на воени ветерани и резервисти, како и претставници на Сојузот на борци од Охрид и повеќе актуелни и поранешни припадници на единицата.
За историјатот и борбениот пат на Шестата пешадиска бригада, од судбоносните настани од 1944 година до завршните операции за ослободување на Западна Македонија, говореше полковникот во пензија и претседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на РСМ – огранок Охрид, Добре Вељјаноски.
„Ние, ветераните, се трудиме минатото да не се заборави. Низ Дебрца издигнавме повеќе споменици, а во касарната направивме спомен-соба во чест на нашата прославена бригада“, истакна Вељјаноски.
Во својот говор, градоначалникот Пецаков нагласи дека формирањето на Шестата народноослободителна бригада е круна на народноослободителното движење во регионот и остварување на вековните стремежи на македонскиот народ за државност и самостојност. Пред присутните припадници на единицата се обрати и претседателот на Сојузот на борци од Охрид, Гоце Георгиевски.
Во рамките на одбележувањето, делегација на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста – огранок Охрид, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба.
За посебен придонес во формирањето на бригадата, во 2023 година беа доделени благодарници постхумно на првиот командант на Гарнизонот, полковник Јосип Хајба, на полковник во пензија Павле Момироски, тогашен заменик на командантот, како и на градоначалникот Кирил Пецаков за поддршката при отворањето на спомен-собата на Шестата македонска народноослободителна бригада во охридската касарна.







