Зеленски: „Киднапираните деца се најтрагичното прашање, ситуацијата добива страшни размери“
Враќањето на украинските деца кои, според Киев, биле незаконски одведени во Русија, претставува „најчувствителното и најпроблематично прашање“, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за американскиот канал TBN.
Тој нагласи дека се евидентирани повеќе од 20.000 случаи, но вистинските бројки се поголеми. Според него, во Русија децата добиваат нови документи за да се прикрие нивното потекло, а дел од нив подоцна се праќаат и на фронтот. „Ситуацијата добива страшни облици. Имаме случаи кога 13-годишни деца беа одведени, а потоа, на 16 години, испратени во војна“, рече Зеленски.
Тој откри дека Москва дури нудела размена на деца за воени заробеници, што го оцени како „незамисливо и нечовечно“.
Прашањето за враќањето на децата било разгледувано и со американскиот претседател Доналд Трамп. Зеленски предложил првите дами, Меланија Трамп и Олена Зеленска, да помогнат преку својот меѓународен ангажман.
Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, составена од 38 земји, Советот на Европа и ЕУ, ја повика Русија итно и безусловно да ги врати. Украинските власти проценуваат дека од почетокот на инвазијата Русија присилно преселила или депортирала најмалку 19.500 деца.







