Бугарската влада неколку пати го менуваше официјалниот став за наводното руско мешање во GPS сигналот на авионот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, што предизвика конфузија во Брисел, пишува „Политико“.
Прво, премиерот Росен Жељазков во парламентот изјави дека немало блокирање, туку делумно прекинување на сигналот – честа појава во густо населени подрачја. Вицепремиерот и министер за транспорт Гроздан Караџов го потврди тоа, нагласувајќи дека нема докази за блокирање.
Но, неколку часа подоцна Жељазков свика вонредна прес-конференција и повторно отвори можност за „електронско војување“ поврзано со Украина. Тој нагласи дека уредите на авионот можеле да регистрираат нарушувања што не ги забележале копнените инструменти, и најави дополнителна проверка преку авиокомпанијата.
„Фајненшл тајмс“ претходно објави дека авионот на Комисијата изгубил GPS сигнал над Пловдив и кружел околу еден час пред слетувањето, по што Брисел ја обвини Русија за мешање. Инцидентот доби силен одек во Европа и реакции од Доналд Трамп, НАТО и европски лидери.
Сепак, податоците од следењето на летот укажуваат дека сигналот никогаш целосно не исчезнал, а доцнењето на слетувањето било девет минути. Јавни записи покажуваат дека истиот авион имал проблеми со GPS еден ден претходно над Балтикот, но не и во Бугарија.
Портпаролката на Европската комисија Аријана Подеста изјави дека проблемот со GPS е реален и чест од почетокот на војната, и оти мора да се решава заедно со земјите-членки.






