Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, синоќа одржа говор во скопската општина Чаир, во кој директно одговори на, како што рече, политичките манипулации за наводната желба на Албанците за поделба на Македонија. Ахмети нагласи дека, доколку навистина постоела таква намера, тоа ќе се случело уште во 2001 година, кога, според него, Албанците располагале со 15.000 вооружени борци. „Ние сакаме унитарна и рамноправна држава за сите, а не тиранин за едни“, истакна Ахмети, пренесуваат медиуми на албански јазик.
На партискиот собир, Ахмети заедно со кандидатите за градоначалници Бујар Османи и Скендер Реџепи – Зејд го потпишаа таканаречениот „Закон за Чаир“, кој, според него, симболично ја потврдува најголемата албанска национална единство од 2001 година до денес. Тој нагласи дека сите се обединети за враќање на достоинството, честа и заштитата на досегашните права, додавајќи дека борбата која некогаш била за еднаквост, денес е борба за нејзина заштита. Според него, движењето на отпор и надеж станува сè посилно и поинклузивно.
Ахмети ги повика граѓаните на широка мобилизација пред претстојниот октомвриски референдум. Без да открие детали за неговата содржина, тој порача дека е време да се стави крај на дискриминацијата, понижувањето и лошото управување. Неговата порака од Чаир беше јасна: Албанците во Македонија не се закана за државата, туку дел од нејзиниот граѓански и демократски капацитет.






