Акциите на „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) скокнаа за над 19 отсто по објавата за значителен раст на приходите од производи поврзани со вештачка интелигенција (ВИ), што ги увери инвеститорите во новата насока на технолошкиот гигант. Ова е најголем раст во еден ден за „Алибаба“ од ноември 2022 година, со што пазарната вредност на компанијата се зголеми за над 50 милијарди долари.
Компанијата прикажа тројно зголемување на приходите од производи за ВИ и 26 отсто раст на продажбата во дивизијата во облак (cloud) – сегмент што е директно поврзан со развојот на вештачката интелигенција. Според аналитичарите, овие резултати покажуваат дека „Алибаба“ сѐ повеќе се ориентира кон долгорочна технолошка релевантност наместо само кон доминација во е-трговијата.
„ВИ носи раст, додека традиционалниот сегмент на е-трговија тоне со ценовната војна“, изјави Чару Чанана, главен стратешки аналитичар во „Саксо маркетс“ (Saxo Markets).
Растот доаѓа во време кога конкуренцијата на домашниот пазар се влошува – „Џеј-ди“ (JD.com) објави преполовена добивка, а „Мејтуан“ (Meituan) предупреди на големи загуби, предизвикувајќи масовна продажба на акции во секторот минатата недела.






