Милан Илоски, рекордер во МЛС лигата со најбрзи 4 гола, блеска во САД. Од 5 август е член на Филаделфија, а претходно имаше фантастичен учинок во Сан Диего, каде постигна 10 гола на 14 натпревари. На мечот против Ванкувер постигна 4 гола во само 12 минути, што е нов рекорд за МЛС.
Илоски е Американец со македонско потекло по таткова страна. Во интервју за rg.org изјави дека би ја разгледал можноста за настап за македонскиот национален тим, оценувајќи го тоа како „вистинска чест“ и позитивен чекор во кариерата.
– Целата страна од кај татко ми е македонска. Пораснав со баба и дедо кои ми зборуваа македонски. Горд сум што сум од Македонија и порастван сум со македонските вредности, кои се голем дел од мојот карактер – рече 26-годишниот Илоски.
Фудбалот е длабоко вкоренет во семејството, бидејќи и татко му и постарите браќа, Ерик и Брајан, играле професионално. Негов идол е Вејн Руни, чии ментални и играчки принципи се инспирација за него.






