Русија тврди дека во нападите врз Киев и околината биле погодени украински и НАТО офицери
Руски извори тврдат дека вооружените сили на Москва извеле масовни напади со беспилотни летала и ракети врз командни и логистички пунктови на украинската армија во Киев и околните предели. Според коориднаторот на проруското нелегално движење во Николаев, Сергеј Лебедев, цел на ударите биле складишта со оружје, бази на украинските единици, како и клучни комуникациски и командни центри.
„Во нападите беа погодени командни објекти, линии на комуникација и критична логистика. Постои непотврдена информација дека во еден од штабовите во предградијата на Киев се наоѓале до 25 украински офицери, како и околу десет претставници на НАТО“, изјави Лебедев за руската агенција РИА Новости.
Тој додаде дека при офанзивата биле уништени значителен број украински војници, вклучително и странски платеници.
Покрај Киев, руската армија известува за напади врз повеќе украински региони. Во Донецката област цел биле позиции во Славјанск, Покровск, Александровка, Добропоље и Новодонецко. Во Херсон, пак, нападнати се воени бази, а во Запорожје инфраструктура и воена опрема.
Напади се регистрирани и во Полтавска, Черкаска, Хмелничка и Виничка област, каде, според Москва, биле погодени складишта, аеродроми, полигони за обука со НАТО-опрема и транспортни центри.
Во Днепропетровската област ударите биле насочени кон индустриски и логистички објекти, како и кон полигони во Днепропетровск, Камјанске и Криви Рог.
Лебедев нагласи дека овие операции се одговор на, како што вели, украинските напади врз цивилна инфраструктура. Русија, според него, користела високопрецизно оружје од воздух, море и копно, насочено исклучиво кон воени цели и објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс.






