Москва ги одби европските предлози за безбедносни гаранции за Украина, истакнувајќи дека војниците од земјите-членки на НАТО немаат што да бараат во земјата, соопшти Кремљ на дневниот брифинг за медиумите.
Портпаролот Дмитриј Песков појасни дека Москва „зазема негативен став“ кон предлозите што произлегоа од состанокот на европските лидери со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Официјалниот став на Кремљ е во спротивност со неодамнешните изјави на Трамп дека „Путин се согласил на безбедносни гаранции за Украина“.
Песков повтори дека војниците од НАТО немаат место во Украина и нагласи дека мировните преговори „мора да бидат добро подготвени за да бидат ефикасни“.
Тој додаде дека се подготвува посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина, која ја опиша како „без преседан“. Путин ќе учествува на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, заедно со повеќе од 20 светски лидери.
Дел од европските земји неодамна предложија испраќање на свои војници како мировни сили во Украина, со цел да ја обезбедат безбедноста по евентуалното постигнување мировен договор меѓу Москва и Киев.






