Францускиот претседател Емануел Макрон му упати писмо на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, остро реагирајќи на неговите обвинувања дека Франција поттикнува антисемитизам, објави „Ле Монд“.
Макрон го критикуваше Нетанјаху за тоа што содржината на преписката ја споделил со медиумите пред писмото официјално да стигне до него.
Во својата реакција, францускиот претседател го обвини израелскиот премиер за манипулирање со поимот „антисемитизам“, потсетувајќи на бројните мерки што Франција ги презела за заштита на еврејската заедница и за борба против сите облици на омраза.
„Франција останува длабоко посветена на безбедноста на Израел. Затоа, обвинувањата за наводна неактивност се неприфатливи и претставуваат навреда за целата земја,“ истакна Макрон.
Претходно, Нетанјаху ја критикуваше одлуката на Франција да ја признае Палестина, оценувајќи дека таквиот потег „поттикнува тероризам и создава ризик од оформување уште една иранска марионетска држава, слична на онаа во Газа“.






