Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека актуелниот систем на социјална држава во Германија веќе не може да се финансира исклучиво од економското производство, повикувајќи на реформа на трошоците за социјална помош.
Говорејќи на конференција на неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Долна Саксонија, Мерц ја исклучи можноста за зголемување на даноците за средните компании и порача дека Владата под негово водство нема да воведе дополнителни даночни оптоварувања.
„Државата на благосостојба што ја имаме денес повеќе не може да се финансира со она што го произведуваме во економијата“, рече тој во Оснабрик.
Изјавата отвори простор за нови тензии со коалициските партнери, Социјалдемократите (СПД). Вицеканцеларот Ларс Клингбејл порача дека не може да се исклучи зголемување на даноците за средните и високите приходи, но додаде дека реформите мора да вклучуваат креативни решенија, а не само кратења.
СПД останува резервирана околу намалувањето на социјалните бенефиции, при што младинската организација Јусос предупреди дека партијата нема да отстапи ако реформите се сведат на кратење на помошта.
Мерц, кој се соочува со пад на поддршката меѓу гласачите, се обидува да го зацврсти рејтингот на ЦДУ и да привлече дел од гласачите што се свртеле кон крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
„Не сум задоволен од она што го постигнавме досега. Мора да биде повеќе“, додаде тој.






