Украина изврши ноќни напади со беспилотни летала врз повеќе руски енергетски објекти, меѓу кои и нуклеарната централа во Курск и нафтениот терминал во пристаништето Уст Луга во Ленинградската област, потврдија руските власти.
Во нападот врз нуклеарната централа во Курск, лоцирана недалеку од границата со Украина, оштетен бил помошен трансформатор, што довело до намалување на оперативниот капацитет за 50 проценти. Пожарот што избувнал бил брзо изгаснат, а нема повредени. Според официјалните информации, нивото на зрачење во централата и околината е во рамки на дозволените граници.
Истовремено, пожар избувна на терминалот на нафтената компанија „Новатек“ во пристаништето Уст Луга на Балтичкото Море, откако објектот бил погоден од украински дронови. Станува збор за еден од најголемите комплекси за преработка и извоз на нафта и нафтени деривати на меѓународните пазари.
Руските власти соопштија дека ситуацијата е под контрола, но штетите сè уште се проценуваат.







