Во понеделник во Охридското Езеро, пред хотелот „Палас“ кај „Старото пристаниште“, ќе се одржи единствениот настан од ваков вид во светот – „Штафетно нуркање за мир“. Настанот започнува во 12 часот и е дел од Фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival 2025“, а се организира по повод одбележувањето на 80 години Црвен крст Охрид.
Сите кои се психофизички здрави и можат да нуркаат на здив 25 метри, без разлика на возраст, се поканети да учествуваат. Специјален гостин ќе биде 71-годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, познат како човекот „амфибија“, кој ќе нурка со една рака врзана за телото.
Организаторите ги повикуваат сите добронамерни граѓани, туристи и посетители да дојдат и да го следат настанот, испраќајќи заедничка симболична порака за мир, почитување и толеранција.
Пријавувањето за учество на „Штафетно нуркање за мир“ е отворено до утре.






