Еден ирански пратеник се закани дека иранските ракети можат да го погодат „срцето на Европа“, а во иднина и американските градови од море. Изјавата доаѓа во услови на зголемени тензии и можност за повторно воведување санкции на ОН против Техеран, пишува Иран Интернешнл.
Амир Хајат-Мокадам, член на Комитетот за национална безбедност, во интервју за Дидбан Иран рече: „Можеби нашата следна ракета ќе погоди директно Вашингтон. Иако технологијата сè уште не е целосно развиена, таа е во наш дофат“. Тој додаде дека иранските бродови би можеле да се доближат до американскиот брег и од таму да лансираат ракети кон Вашингтон и Њујорк.
„Дури и сега, цела Европа е во наш дострел – Франција, Германија, Велика Британија и други земји“, нагласи Хајат-Мокадам.
Заканите се појавија токму кога Франција, Британија и Германија најавуваат можност за повторни санкции преку механизмот „snapback“, доколку Иран не соработува со МААЕ. Но, пратеникот ги минимизираше предупредувањата: „Сите можни санкции веќе се воведени, нови мерки нема да имаат реален ефект врз нашата економија“.







