Во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска се отвораат понудите од тендерот за доделување фреквенции за третиот мобилен оператор во државава. Одлуката за избор на понудувачите кои ќе учествуваат во јавното наддавање треба да биде донесена во рок од 10 дена, по што ќе се утврдат местото и времето на наддавањето, кое мора да се одржи најмалку 14, а најмногу 30 дена од носењето на одлуката.
Јавното наддавање ќе се одржи доколку за исто одобрение за користење радиофреквенции се квалификуваат најмалку двајца понудувачи. Новиот оператор, доколку влезе на пазарот покрај „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“, ќе треба да обезбеди конкурентни услуги и балансирани цени за да преземе дел од пазарот.
Професорот Тони Јаневски од ФЕИТ истакна дека влезот на нов мобилен оператор ќе значи поголема конкуренција и подобра понуда за граѓаните и бизнисите, но предупреди дека предизвик ќе биде изградбата на сопствена инфраструктура и одржувањето на висок квалитет на услугите.
АЕК предвидува доделување на три фреквенциски опсези:
А1: 703-713/758-768 MHz (2×10 MHz) Б1: 1775-1785/1870-1880 MHz (2×10 MHz) Ц1: 3.5-3.6 GHz (1×100 MHz)
Почетните цени се движат од 1,5 до 4,2 милиони евра, а критериум за избор ќе биде висината на еднократниот надомест.
Интерес за учество имаат изразено „ONE Македонија Телекомуникации“ (регистрирана од унгарската компанија „4iG“), „Битстрим Мобиле“ и „е& ппф Телеком Груп Б.В.“.
Со евентуалното воведување на трет мобилен оператор, според експертите, македонскиот телекомуникациски пазар може да добие дополнителен поттик за развој и дигитализација.





