Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски, но пред тоа мора да се решат клучни прашања, меѓу кои и легитимитетот на Зеленски за потпишување договор, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Путин и американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела во Алјаска разговараа за можен мировен договор, а Трамп најави иницијатива за организирање средба меѓу Путин и Зеленски, која би можела да прерасне во трилатерален самит.
Лавров потсети дека мандатот на Зеленски требаше да заврши во мај 2024 година, но поради војната не се одржаа нови избори. Москва стравува дека евентуален иден украински претседател би можел да го оспори секој договор потпишан од Зеленски, нарекувајќи ја неговата позиција „спорна“. Киев, пак, инсистира дека Зеленски останува легитимен претседател.
Рускиот министер ја критикуваше Европа дека се обидува да го поткопа напредокот постигнат на самитот САД–Русија во Алјаска, особено околу безбедносните гаранции за Украина, и ја отфрли можноста за распоредување европски воени сили во земјата.
„Странска интервенција на украинска територија е целосно неприфатлива за Русија“, рече Лавров по средбата со својот индиски колега во Москва.
Тој ја обвини Украина дека не е заинтересирана за „праведно и трајно решение“, а сите идеи кои отстапуваат од руските позиции презентирани на преговорите во Истанбул во 2022 година ги оцени како „без изгледи“.






