Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во рок од две недели ќе биде јасно дали во Украина ќе има мир. Во спротивно, како што порача во интервју за Todd Starnes Show, ќе преземе „поинаков став“.
Ова е уште еден во низата рокови што Трамп му ги поставува на руско-украинскиот конфликт, но досега без конкретни резултати. Тој неодамна се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а претходно и со рускиот лидер Владимир Путин, но без напредок во преговорите. На својата мрежа Truth Social, Трамп напиша дека Украина не може да го добие војната без удари внатре во Русија, критикувајќи ја администрацијата на Џо Бајден за „премногу ограничена стратегија“.
Американскиот сенатор Линдзи Греам побара Русија да ги врати илјадниците украински деца одземени за време на војната, заканувајќи се со иницијатива Русија да биде прогласена за држава спонзор на тероризмот. „Ќе направиме трговијата со Русија да биде радиоактивна за секоја земја и компанија“, порача тој.
Од Киев, Зеленски изјави дека Украина мора да премине во офанзива за да изврши притисок врз Русија. „Путин не разбира ништо освен сила“, нагласи тој. Главниот штаб потврди дека украинските сили започнале контраофанзива во Донбас и регионот Суми, при што, според нивните информации, биле ослободени шест населени места и нанесени загуби на руските трупи.
Иако бројките не може независно да се потврдат, украинските власти соопштија дека борбите околу Покровск остануваат интензивни. Паралелно со воените операции, Киев продолжува дипломатски напори за безбедносни гаранции, но Москва бара поинаков модел каде постојаните членки на Советот за безбедност би биле гаранти – решение што Украина не го прифаќа.
Во меѓувреме, Русија преку ноќ изведе нов бран ракетни и беспилотни напади врз украински цели.







