Од 2026 година, во Турција ќе стане задолжително поставувањето на надворешни и внатрешни камери, уреди за следење и аларм-копче во сите регистрирани возила, согласно измените во законот објавени во турскиот „Службен весник“, пренесува ТРТ Хабер.
Според новата регулатива на Управата за копнен сообраќај, роковите за примена на мерката ќе зависат од годината на производство на возилата. За возилата произведени меѓу 2023 и 2025 година, како и за оние што ќе се регистрираат по 31 декември 2025 година, опремата ќе треба да се инсталира при првиот годишен технички преглед (ГТП) по 1 јануари 2026 година.
Возилата од 2018 до 2022 година ќе имаат рок до првиот ГТП по 1 јануари 2027 година, додека оние произведени во 2017 година или порано, мерката ќе се применува од првиот ГТП по 1 јануари 2028 година.
За ученичките автобуси, кои веќе според постоечката регулатива треба да имаат камери инсталирани во периодот февруари-октомври 2025 година, рокот за дополнителни уреди е продолжен до крајот на 2027 година, пренесува МИА.






