Во интервју за Фокс њуз, американскиот претседател Доналд Трамп ги разјасни деталите за преговорите околу прекин на огнот во Украина и откри претходно непознати информации за плановите за постигнување мир.
Трамп изјави дека Велика Британија, Франција и Германија ќе испратат војници на терен за да обезбедат мир, додека САД нема да испраќаат свои војници, но дека безбедносните гаранции „се можни од воздух“. „Вие ја имате мојата гаранција, а јас сум претседател“, рече тој.
Претседателот додаде дека неговата цел е да се спречи убивањето на луѓе и дека се надева оти Владимир Путин „ќе биде добар“, додавајќи дека, доколку не го стори тоа, ситуацијата ќе биде тешка. Трамп истакна дека Зеленски и Путин „се сложуваат подобро отколку што очекуваше“ и дека Украина отсекогаш ја сметал за тампон-зона помеѓу Русија и Европа.
Трамп откри дека по состанокот со Зеленски и европските лидери имал „многу добар разговор“ со Путин, но дека тоа не го направил пред другите лидери од почит кон рускиот претседател. Тој додаде дека сега се обидува да закаже директен состанок меѓу Путин и Зеленски, а доколку тоа се реализира, ќе следи и трилатерален состанок.
Американскиот претседател, исто така, рече дека меѓу него и Путин постои „топлина“, што се почувствувала за време на нивниот самит во Енкориџ, Алјаска, минатиот петок, оценувајќи го тоа како позитивен знак за идните преговори.







