Денеска се одржа состанок на лидерите на 27-те земји-членки на Европската Унија, а унгарскиот премиер Виктор Орбан истакна дека заканата од Трета светска војна може да се намали само преку директен состанок меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Во објава на својата Фејсбук страница, Орбан наведе дека стратегијата за изолација на Русија не дала резултати и дека конфликтот во Украина не може да се реши на фронтот, туку исклучиво преку дипломатски напори.
Тој додаде дека членството во Европската Унија не обезбедува безбедносни гаранции за Украина и предупреди дека поврзувањето на европската интеграција со безбедносните прашања е „бескорисно и опасно“.
Орбан го поздрави напредокот во разговорите меѓу Трамп и Путин, ја поддржа продолжената преговарачка рамка и инсистира на што побрзо одржување на нов самит Европа-Русија.







