Владата започнува подготовки за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на железничката линија од Скопје до Кичево на коридор 8, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во првата фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој, која ќе избере Консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди. По изработката на анализите, ќе започнат работите на пругата.
„Ова е следна точка во развојот на железничката инфраструктура во Македонија. Почнуваме со западното крило на коридор 8 – постојната линија од Скопје до Кичево која е во лоша состојба и на која моментално не можат да оперираат возови. Планираме модерна сигнализација, електрификација и целосна реконструкција за побезбедно и побрзо патување. Со ова ќе се подобри поврзаноста помеѓу Скопје, Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево“, изјави Николоски.
Тој додаде дека напредуваат и проектите за брза пруга на коридор 10, како и пругите Куманово–Бељаковце и Бељаковце–Крива Паланка, а пред финален договор е и железничкото поврзување со Бугарија.







