Претседателот Доналд Трамп имал намера да ја користи американската војска за напад врз латиноамериканските нарко-банди, кои беа прогласени за глобални терористички организации.
Според извори, подготвени се бродовите USS Gravely, USS Jason Dunham и USS Sampson. Засебен американски официјален извор за Ројтерс изјавил дека се очекува околу 4.000 морнари и маринци да бидат вклучени во операциите на администрацијата на Трамп во јужниот Карипски регион. Официјалниот извор, кој зборувал под услов на анонимност, додал дека дополнителното ангажирање на воени средства во поширокиот регион ќе вклучува неколку шпионски авиони P-8, воени бродови и најмалку една нападна подморница.
Тој истакнал дека операцијата ќе се одвива во текот на неколку месеци и дека планирано е активностите да се изведуваат во меѓународниот воздушен простор и во меѓународните води. Морските средства можат да се користат не само за разузнавачки и надзорни операции, туку и како платформа за изведување на таргетирани удари, доколку биде донесена таква одлука.
Министерството за комуникации на Венецуела засега не дало одговор на барањето за коментар. Во обраќањето во понеделникот, претседателот Николас Мадуро, без директно да ги спомне воените бродови, изјави дека Венецуела „ќе ги брани своите мориња, своето небо и својата земја“. Тој алудираше на, како што го нарече, „нечувствена, бизарна закана од пропаднатото царство“.
Сузбивањето на нарко-картелите е една од клучните цели на администрацијата на Трамп, како дел од пошироките напори за ограничување на миграцијата и обезбедување на јужната граница на САД. Во последните месеци, администрацијата веќе распореди најмалку два воени бродови за да помогнат во овие напори и борбата против трговијата со дрога.
Во февруари, администрацијата на Трамп го прогласи мексиканскиот картел Синалоа и други нарко-банди, како и венецуеланската криминална група Tren de Aragua, за глобални терористички организации, засилувајќи ги имиграциските закони против наводни членови на овие банди. Американската војска веќе го засили воздушниот надзор на мексиканските нарко-картели за собирање разузнавачки информации и за утврдување на најдобрите начини за нивно сузбивање.







