Најмалку девет лица, меѓу кои и три деца, загинаа во последните 24 часа од засилените руски напади низ Украина, потврдија властите, пренесе Си-ен-ен.
Во Харков, пет лица беа убиени, а најмалку 20 повредени откако ракета погоди станбена зграда, која потоа се урна. Началникот на регионалната администрација Олех Синиехубов изјави дека меѓу жртвите има девојче од година ипол и 16-годишно момче, а пет лица сè уште се водат за исчезнати.
Украинската премиерка Јулија Свириденко реагираше дека Русија „продолжува со масовни убиства“, додавајќи дека војната трае „само затоа што Москва има дозвола да ја продолжи“.
Во Запорожје, 15-годишно момче загина кога бомба удри во куќата на неговото семејство во селото Новојаковливка, а повредени се и неговите родители и браќа. Во Донецк загинаа уште три лица, потврди регионалниот гувернер Вадим Филашкин.
Во Одеса пожарникарите се бореа со голем пожар во енергетска централа по масовен напад со дронови, соопшти Државната служба за вонредни ситуации.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп се залага за мировен договор, украинскиот лидер Володимир Зеленски нагласува дека преговори не се можни додека траат руските бомбардириња. Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха ја повика Москва да „го запре убивањето за да има простор за дипломатија“.







