Изминатиов викенд во скопско Лисиче се случувала вистинска борба за да се спаси и на сигурно да се дислоцира едно големо семејство пчели. Се започнало кога пчеларот Марјан Станковски добива повик од пријател кој бара од него да даде совет како да се извади еден рој пчели кои се населиле во новоизградена куќа во населбата Лисиче.
– Јас сум искусен пчелар но прв пат добивам вакво барање: Да извадам пчелно семејство од оџак. Навистина беше голем поредизвик за мене, но, веднаш се нафатив да го направам тоа, пред се поради пчелите оти знам дека ако останат тука во текот на зимото ќе изгинат. Едноставно знаев дека морам да ги спасам. До сега сум видел многу чудни места каде матицата по роење, делење од матичниот рој, решава да го направи својот дом. Некогаш тоа го прави на гранки од дрвја, на камења, меѓу карпи и пукнатини, во ѕидови, под стреи или на кровови, но никогаш не сум видел да се вдоми во оџак – раскажува за Скопје Инфо Станковски.





