Руското Министерство за правда ја стави меѓународната организација за слобода на печатот „Репортери без граници“ (RSF) со седиште во Франција на списокот на непожелни организации, јавија британските медиуми.
Според руските закони, организациите кои се прогласени за непожелни се обвинети дека ја поткопуваат националната безбедност, а руските граѓани кои ќе соработуваат со нив или ќе ги финансираат можат да се соочат со затворска казна до пет години.
Меѓу веќе прогласените непожелни организации се Радио Слободна Европа/Радио Либерти, финансирано од владата на САД, еколошката организација „Гринпис“ и „Амнести интернешнл“ со седиште во Лондон.
„Репортери без граници“, основана во Франција во 1985 година, се залага за заштита на новинарите и борба против цензурата ширум светот. Според нивниот годишен Индекс на светска слобода на печатот, Русија се наоѓа на 171-то место од 180 земји, а годинава организацијата наведе дека во земјата се притворени 50 новинари.
Од RSF досега нема официјален коментар за одлуката на руските власти.






