Трагедија ја потресе Црна Гора откако припадник на армијата загина, а друг беше тешко повреден при превртување на воена цистерна за вода за време на мисија за гаснење пожари. Несреќата се случила околу 13 часот, а повредениот војник е префрлен во Клиничкиот центар на Црна Гора.
„Еден припадник на црногорската армија загинал, а друг добил тешки повреди за време на мисија за гаснење пожари. Несреќата се случила кога цистерната за вода што ја возеле се превртела“, соопшти Министерството за одбрана.
Во Црна Гора моментално има активни пожари во шест општини – Подгорица, Бар, Будва, Никшиќ, Шавник и Бјело Поље. Според Миодраг Бешовиќ, генерален директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во акцијата се ангажирани четири авиони, а се очекува пристигнување на канадер од Хрватска и хеликоптер од Србија за гаснење на пожарите на крајбрежјето.
Црногорската армија и надлежните органи спроведуваат истрага за причините и околностите на несреќата.







