Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, најави дека Унијата започнува подготовка на 19-тиот пакет санкции против Русија. Таа порача дека во актуелната фаза не смее да се прават никакви отстапки кон Москва.
Во објава на платформата Х, Калас информираше дека министрите за надворешни работи на ЕУ ја поддржале иницијативата на САД за чекори кои ќе доведат до праведен мир во Украина. „Бидејќи Русија не се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот, не треба ни да разговараме за никакви отстапки,“ истакна таа.
Калас нагласи дека приоритетниот редослед е прво да се обезбеди безусловен прекин на огнот, со засилен систем за надзор и цврсти безбедносни гаранции, по што ќе следат новите мерки против Русија.
На 18 јули, земјите-членки на ЕУ го усвоија 18-тиот пакет санкции, кој беше блокиран со недели од Словачка, поради војната што Русија ја води во Украина.






