Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Европа останува обединета во неприфаќањето на руската окупација на украинските територии и нагласи дека во преговорите за прекин на огнот Москва мора да разбере дека државните граници не можат да се менуваат со сила.
„На Полска и нејзините партнери им е јасно дека државните граници не можат да се менуваат со сила. Војната во Украина не смее да му користи на агресорот – Русија,“ рече Туск на прес-конференција, додавајќи дека заканата од Русија останува сериозна.
За време на обиколката на фабриката за експлозиви „Нитро-Хем“ во Бидгошч, премиерот предупреди дека според анализите на западните разузнавачки агенции, постои ризик од голем глобален конфликт во 2027 година. Тој истакна дека Полска, НАТО и Европската Унија мора да бидат подготвени за сите можни сценарија и закани од исток.
Туск додаде дека подготвеноста за одбрана и модернизацијата на вооружените сили немаат рок на завршување, бидејќи безбедносните предизвици остануваат. Според полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш, планот е полската армија да брои повеќе од 300.000 војници, а заедно со резервистите – околу половина милион луѓе под оружје.






