Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на Израел не е окупација, туку „ослободување на Газа од Хамас“, додавајќи дека војната може да заврши веднаш доколку Хамас го положи оружјето и ги ослободи сите заложници. Тој најави дека израелската армија ќе ги уништи двете преостанати упоришта на Хамас – во градот Газа и централните кампови, кои според него се единствените надвор од израелска контрола.
Нетанјаху рече дека Израел дозволил испорака на два милиони тони хуманитарна помош, обвинувајќи ги Хамас за ограбување на конвоите и ОН за недистрибуција на храна. Тој ги критикуваше меѓународните медиуми за, како што тврдеше, ширење лажни информации за гладот во Газа, и најави можност за тужба против „Њујорк Тајмс“.
Премиерот најави дека ќе се дозволи поголем пристап на странски новинари во Газа, и повтори дека по завршувањето на операциите таму ќе биде воспоставена „неизраелска цивилна администрација“ во преоден период, со безбедносен појас долж границата. Според него, мирот може да се постигне само со целосно уништување на Хамас.






