Радиоактивна вода од британската база во која се складираат нуклеарни бомби била испуштена во морето поради пукање на дотраени цевки, покажуваат официјални документи.
До испуштањето на радиоактивната материја во езерото Лох Лонг, близу Глазгов, дошло бидејќи Кралевската морнарица не ја одржувала соодветно мрежата од 1.500 водоводни цевки, утврдило надзорното тело, пишува „Гардијан“.
Складиштето за оружје во Кулпорт, лоцирано на езерото Лох Лонг, е една од најстрого чуваните и најтранспарентни воени локации во Обединетото Кралство. Таму се чуваат залихи од нуклеарни боеви глави за флота од четири подморници од класата „Триједент“, кои се наоѓаат на сидро во близина.
Документите на Шкотската агенција за заштита на животна средина (SEPA) укажуваат дека половина од компонентите во базата во моментот на истекувањето веќе го надминале својот предвиден век на траење. SEPA наведува дека поплавите во Кулпорт биле предизвикани од „недостатоци во одржувањето“, што резултирало со испуштање „непотребен радиоактивен отпад“ во вид на ниски концентрации на трицијум, кој се користи во нуклеарните боеви глави.
Истекувањата беа откриени преку низа доверливи извештаи и електронски пораки, кои по шестгодишна судска битка беа доставени до истражувачкиот портал „The Ferret“ и споделени со „Гардијан“. Министерството за одбрана и SEPA се обидоа да ја спречат објавата, но шкотскиот Комесар за слобода на информации, Дејвид Хамилтон, нареди тие документи да бидат објавени, оценувајќи дека прашањето е поврзано со „репутација“, а не со националната безбедност.
Документите покажуваат дека цевките во Кулпорт пукнале во 2010 година, а потоа уште два пати во 2019 година. Едно од истекувањата во август 2019 година испуштило „значителни количини вода“ кои ја поплавиле зоната за ракување со нуклеарно оружје. Контаминираната вода со ниски концентрации на трицијум истекла преку отворен одвод во езерото Лох Лонг.
Иако SEPA нагласи дека радиоактивните нивоа биле многу ниски и не претставувале закана за здравјето на луѓето, констатираа дека „недостатоците во одржувањето и управувањето со имотот“ довеле до создавање на непотребен радиоактивен отпад. По спроведување на интерна истрага, Министерството за одбрана ветило 23 мерки за спречување на идни инциденти, признавајќи дека недостатокот на подготовка предизвикал „недоразбирања“ и „недостаток на комуникација за опасностите“.
Сепак, во 2021 година се случиле уште две пукања на цевки, што довело до нова инспекција. SEPA тогаш констатирала дека напредокот во имплементацијата на ветените мерки бил „бавно и во многу случаи одложен“.
Дејвид Кален, експерт за нуклеарно оружје од лондонскиот истражувачки центар Basic, оцени дека повторените инциденти се шокантни, а обидите за прикривање „скандалозни“.
„Министерството за одбрана скоро една деценија спроведува инфраструктурен проект вреден речиси 2 милијарди фунти во Фаслен и Кулпорт, а очигледно дури и во 2022 година немале адекватен систем за управување со имотот. Овој неодговорен пристап е чест проблем во програмата за нуклеарно оружје и директна последица на недостигот на надзор“, изјави тој за медиумите.
SEPA соопшти дека е „задоволна“ што Кулпорт и Фаслен направиле „значајни подобрувања во управувањето со имотот и одржувањето“ по овие инциденти, кои не се повториле. Агенцијата секоја година објавува податоци за радиоактивните испуштања, нагласувајќи дека тие „немаат регулаторно значење“.
Портпаролот на Министерството за одбрана изјави дека се посветени на „највисоки стандарди за безбедно и сигурно ракување со радиоактивни материјали“ и дека „немало несигурни испуштања на радиоактивни материјали во животната средина во ниту една фаза“.






