Зеленски: Украина целосно ја поддржува заедничката изјава на европските лидери за мир
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев „ја почитува и целосно ја поддржува“ заедничката изјава на европските лидери за постигнување праведен мир во Украина, кој ќе ги заштити украинските и европските интереси.
Францускиот, италијанскиот, германскиот, полскиот, британскиот и финскиот лидер, заедно со претседателката на Европската комисија, ги поздравија напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната, но нагласија потреба од притисок врз Русија и обезбедување безбедносни гаранции за Киев.
„Крајот на војната мора да биде праведен и им сум благодарен на сите кои стојат зад Украина и нашиот народ“, напиша Зеленски на „X“. Тој посочи дека Украина целосно ја поддржува изјавата на Макрон, Мелони, Мерц, Туск, Стармер, Урсула фон дер Лајен и Стуб.
Трамп, кој во петок во Алјаска ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, ја промовира идејата за договор што би можел да го реши конфликтот кој трае повеќе од три години.
Зеленски и европските сојузници предупредија дека секое решение со кое од Украина би се барало да отстапи значителни територии само би ја охрабрило руската агресија.






